Соопштение

13 Јан 2026
137 пати

На 12.01.2026 година се одржа работен состанок помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Македонската риболовна федерација, на кој присуствуваше и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. На состанокот беа разгледани повеќе прашања поврзани со примената на Законот за рибарство и аквакултура и со унапредување на условите за рекреативен риболов во Република Македонија.

Во рамки на состанокот беше отворено прашањето за можноста за намалување на цената на државната дозвола за рекреативен риболов, при што беше констатирано дека постои подготвеност од страна на министерството да се излезе во пресрет на ова барање. Притоа беше посочено дека за реализација на ваква мерка е потребно извесно време, односно дека не може да се спроведе веднаш, поради потребата од спроведување на соодветни законски процедури.

Исто така, од наша страна беа презентирани одредени забелешки на законот за рибарство кои во периодот кој следи ќе бидат разгледани и дискутирани заеднички со претставниците на МЗШВ и кои би придонеле за подобро задоволување на реалните потреби на рекреативните риболовци. Воедно ја истакнуваме досегашната одлична и конструктивна соработка со МЗШВ и изразуваме надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – континуирано подобрување на условите за рекреативен риболов.

Во тој контекст, Македонската риболовна федерација, која согласно Законот за рибарство и аквакултура има улога на организација што дава поддршка во организирањето на рекреативниот риболов и ги застапува интересите на рекреативните риболовци пред надлежните институции, ја информира јавноста за следните факти произлезени од важечката законска регулатива:

  • Користењето на рибите од риболовните води во Република Северна Македонија е уредено со Законот за рибарство и аквакултура, донесен во март 2024 година, како и со подзаконските акти донесени согласно истиот.
  • Согласно член 41 од Законот, дозволите за рекреативен риболов можат да бидат државни (важечки за сите рекреативни зони – ревири во Република Северна Македонија, со законски утврдени исклучоци – атрактивни зони), како и годишни, месечни, тридневни и дневни дозволи за одредени рекреативни или атрактивни зони.
  •  Цената на државната дозвола се утврдува согласно Законот за рибарство и аквакултура со решение на министерот на годишно ниво и изнесува најмалку една петина од просечната нето плата исплатена во претходната година во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика.
  •  Средствата од надоместокот за издавање на државната дозвола се распределуваат така што 70% се уплаќаат во Буџетот на Република Северна Македонија, а 30% на сметка на корисниците за рекреативен риболов на подрачјето на општината каде што живее сопственикот на дозволата.
  •  Средствата уплатени во Буџетот на РСМ се користат за порибување на риболовните води без концесионер, за дополнителна заштита на риболовните води и за еколошка заштита, преку мерки предвидени во годишните програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата, донесени од Владата на РСМ.
  •  Годишните дозволи за рекреативен риболов (државна дозвола и годишни дозволи за рекреативни ревири) важат една година (365 дена) од денот на нивното издавање, а не се врзани за календарска година.

Македонската риболовна федерација ќе продолжи активно да учествува во институционалниот дијалог и да придонесува кон изнаоѓање решенија во интерес на рекреативните риболовци и заштитата на риболовните води. Овој пристап ја потврдува определбата за партнерски однос меѓу институциите и риболовната заедница, како основа за долгорочно и одржливо управување со риболовните води во интерес на рекреативните риболовци и заштитата на истите.

 

ЖИРО СМЕТКА

Македонска риболовна федерација

Ж-сметка: 3000000001910-29

Депонент: Комерцијална Банка

СПОРТСКА СМЕТКА

МРФ Скопје спорт

Ж-сметка: 3000000032550-65

Депонент: Комерцијална Банка

КОНТАКТ

Булевар Кочо Рацин бр. 75
1000 Скопје, Македонија
Тел: +389 2 3164 509
Е-пошта: contact@mrf1952.mk

РАБОТНО ВРЕМЕ

Работно време на МРФ

понеделник - петок

07:30 - 15:30