Македонска Риболовна Федерација

Македонската Риболовна Федерација е формирана на 20 април 1952 година кога во просториите на Главниот одбор на Народна техника во Скопје, е одржано основачко Собрание на тогашниот „Сојуз на спортските риболовни друштва на Народна Република Македонија“.

Во 8 часот од името на иницијативниот одбор Собранието го отвори инж. Благоја Блажевски. Откако претходно министерот-генерален секретар на Владата на НРМ инж. Киро Георгиевски и генерал на ЈНА Перо Косариќ, ги поздравија гостите, како и сите присутни делегати од риболовните друштва Вардар-Скопје, Бабуна-Велес, Македонка-Штип, Црна Река-Битола и Пастрмка-Струга, Благоја Блажевски му го предложи на Собранието следниов дневен ред:

1.  Избор на:

·   работно претседателство

·   записничар и оверувачи на записникот

·   верификационен одбор

2.  Реферат за развојот и унапредувањето на рибарскиот спорт во републиката

3.  Предлог и усвојување на Правилникот на Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ

4.  Предлог за измена и дополнување на друштвените правила

5.  Дискусија по втората, третата и четвртата точка од дневниот ред

6.  Избор на управен и надзорен одбор и

7.  Прашања и предлози.

Присутните на Собранието едногласно го усвоија предложениот дневен ред, после кое се мина кон изборот на работно претседателство и тоа во состав:

1.  Јово Богдановиќ, полковник на ЈНА

2.  Александар Крстевски, мајор на ЈНА и

3.  Кирил Апостолски, универзитетски наставник.

Потоа се избра записничар, оверувачи на записникот и верификационен одбор.

По втората точка од дневниот ред, Кирил Апостолски прочита реферат за развојот на рибарскиот спорт, задржувајќи се повеќе на пропустите и грешките правени од одделни членови на спортските риболовни друштва или пак од самите друштва.

По рефератот се прочита предлогот за правила на Сојузот и предлогот за измена на правилата на друштвата.

Пред да се мине на петтата точка од дневниот ред, Кирил Апостолски предложи да се избере комисија за заклучоци и ги предложи како нејзини членови инж. Никола Петровски и Богојче Богоев, со кое присутните на Собранието еднодушно се согласија.

Откако заврши дискусијата и се усвоија правилата, Кирил Апостолски предложи Управен и Надзорен одбор во следниот состав:

1.  Инж. Киро Георгиевски, министер-генерален секретар на владата на НРМ, за претседател на Управниот одбор

2.  Јово Богдановиќ, полковник од ЈНА, за потпредседател

3.  Кирил Апостолски, универзитетски наставник, за секретар

4.  Инж. Никола Петровски, асистент во заводот за рибарство, за втор секретар

5.  Лазар Балабанов, директор на куклениот театар, за благајник.

За членовите на Управен одбор:

1.  Александар Крстевски

2.  Трајко Сигеровски

3.  Ристо Дуковски

4.  Тодорче Николовски

5.  Душко Поповски-Битола

6.  Здравко Костов-Кавадарци

7.  Раде Георгиев-Куманово

За надзорен одбор беа предложени:

1.  Даре Бомбол, директор на куклениот театар, за претседател

2.  Круме Наумовски, службеник при ЦК на КПМ, за член и

3.  Добри Иванов, директор на сервисот „Лабораторија“, за член

Присутните на Собранието едногласно го усвоија составот на Управниот и Надзорниот одбор

Потоа, од името на комисијата за заклучоци, инж. Никола Петровски ги прочита заклучоците кои во целост се усвоија од страна на Собранието:

Заклучоци:

1.  Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ ќе настои што подобро да ја координира работата на друштвата од цела територија на НРМ.

2. Преку спортските риболовни друштва Сојузот најактивно ќе ја помага народната власт во сите акции и мерки за подигање и унапредување на рибарството, а во прв ред на риболовниот спорт.

3. Сојузот ќе води безмилосна борба за спречување на секаков недозволен начин на риболов, а особено ќе се бори против зачестените појави на уништување на риби со динамит, бомби и друг вид експлозивни средства.

4. Сојузот ќе се грижи, сите заштитни мерки донесувани од народната власт да бидат спроведувани во живот и дисциплинирано исполнувани од сите членови на спортските риболовни друштва.

5. Преку трговските риболовни друштва Сојузот ќе се бори за превоспитување на нашите риболовци, за подигање нивната свест и љубов кон рибите, риболовот и туризмот.

6.  Преку разни популарни предавања, изложби, филмови, натпреварувања и друго, сојузот ќе врши популаризација на рибарството и рибарскиот спорт.

7.  Сојузот, како и спортските риболовни друштва, ќе ги помага научните установи и другите организации на унапредување на рибарството.

8. Сојузот ќе воспостави најтесни врски со сојузите на другите републики во нашата земја со цел за размена на искуства во смисла организација на работата на спортските риболовни друштва и ќе соработува со сојузите на унапредувањето на рибарскиот спорт и туризам.

9. Сојузот ќе организира издавање на стручно рибарско списание кое ќе претставува негов орган, а ќе ги третира сите актуелни прашања од рибарството и рибарскиот спорт, ќе ги објаснува сите мерки превземени од народната власт во врска со риболовот, ќе донесува написи од животот на спортско риболовните друштва, нови од риболовниот спорт кај нас и во странство.

10.  Сојузот ќе го помага основањето на нови спортски риболовни друштва и ќе настои да се омасоват друштвата кои веќе постојат.

11. Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ ќе даде иницијатива кај надлежните органи на народната власт за унапредување на чуварската служба на риболовот.

12.  Сојузот ќе се погрижи, во рамките на можностите, да обезбеди набавка на потребните риболовни реквизити: трски, блинкери, конец и друго.

На крајот на Собранието другарот Киро Георгиевски заблагодари од името на Управниот одбор за дадената доверба и вети дека „Управниот одбор на Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ, во координација со управите на друштвата, ќе настои да се исправат сите досегашни пропусти така што да може овој спорт во најскоро време да стане вистински племенит спорт на нашите трудбеници“.

При крај на месец септември 1952 година СОЈУЗОТ НА СПОРТСКИТЕ РИБОЛОВНИ ДРУШТВА НА НРМ даваизвестие во кое:

„Се известуваат сите спортски риболовни друштва на територијата на Народна Република Македонија дека на Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ му е одобрена работата со решение бр.IV.18270 од 26.IX.1952 год. од министерството за внатрешни работи на НРМ.

Во врска со тоа се молат друштвата:

1.  Во најкусо време да испратат список на членовите со нивните точни адреси. Административната преписка да се праќа на адреса: Сојуз на спортските риболовни друштва на НРМ-Скопје, поштенски фах 190.

2.  Според Правилата на Сојузот, да ги подмират своите обврски и за секој член да уплатат по 75% од членарината, односно по 90 динари. Горната сума да се уплати на чек. сметка бр. 802-933312 при Народната банка-Скопје. 

3. Спрема решението на годишното Собрание, за секој член што не е член на Сојузот на ловечките друштва на НРМ треба да се уплати предвидената претплата за списанието “ЛОВЕЦ“ кое е службен орган на Сојузот на ловечките и спортско риболовните друштва на НРМ. Годишната претплата за списанието да се уплати на чек. сметка бр. 801-953311 при Народната банка-Скопје.“

На ден 07.06.1952 година во Белград се одржа редовно годишно собрание на Сојузот на спортските риболовни друштва на ФНР Југославија, на кое, преку свои делегати, беа застапени Сојузите на сите народни републики. Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ го застапуваа 5 (пет) делегати-членови на Спортско риболовно друштво „Вардар“ од Скопје.

На крајот на Собранието беше избран Управен и Надзорен одбор во кој, меѓу другите, беа избрани и Кирил Апостоловски и инж. Никола Петровски од Македонија.

Во овој период донесени се редица Закони, Правилници и Прописи се со цел:

1.  Зголемување на бројноста на членство во Сојузот на спортските риболовни друштва на Македонија

2.  Одржување на природната популација во нашите води и

3.  Зголемување на популацијата во нашите води по вештачки пат т.е. одгледување на рибите и порибување.

За прв пат 1956 година, на територијата на НРМ, се воведуваат два вида на дозвли и тоа: дозволи за риболов во низински и дозволи за риболов во висински води.

Како висински води во НРМ се третираа:

1. Сливот на Јадранското Море: со сите води заедно со Охридското езеро (Радика и Црн Дрим со сите притоки), со толеранција на реката Црн Дрим во граничниот дел и реката Радика при устието кај Дебар.

2. Сливот на Егејското Море со:

·  Реката Вардар од иворот Вруток па до изворот Рашче со сите леви и десни притоки (Лакавичка, Чегранска, Форинска, Рашче, Теаречка, Маздрача, Пена, Бистрица).

·   Кадина река од изворот до село Тисовица, Треска од изворот до Македонски Брод со сите притоки, како и притоките јужно од Брод (Мала и Белица).

·   Бабуна од изворот па се до с. Извор заедно со сите притоки, вклучително и реката Изворчица.

·   Црна Река од извор па се до с. Жван со сите притоки

·   Бошава и дошница од изворите до хидроцентралата.

·   Пелистерските и Кајмакчаланските притоки на Црна Река (Коњарка, Цапарска, Сапунчица, Бистрица, Бела Река и Конска и др.) во целите сливови.

·   Брајчинска Река, притока на Преспанското Езеро.

·   Липковска Река по целото течение.

·   Брегалница од изворот до Делчево.

·   Зрновска река.

3.  Сливот на Бело Море: Смоларска Река и некои други притоки од Беласица во Струмешница

Сите останати води се третираа како низински води.

Освен за риболов од рекреативни причини, Сојузот направи и напори за промоција на спортско-риболовни натпревари на кои натпреварувачите ја покажуваат својата вештина и техника. На нив се постигнуваа квалитети за поефикасно спроведување на спортските дисциплини во пракса. Ваквите натпреварувања во странство се одржуваа многу чество, додека кај нас се правеа првите чекори. Покрај вообичаените натпреварувања во методата на лов на риба со јадица постоеја уште две методи т.е. фрлање на тег во далечина и во мета и фрлање на вештачка мушичка во далечина и во мета.

Од тогаш па до денес рекреативните и спортските риболовци дејствуваат организирано преку нивните „Риболовни здруженија и клубови“, сите членки на Македонската риболовна федерација, која по осамостојувањето, на конгресот во Берлин во април 1992 година, под уставното име eпримена како рамноправна членка во светската риболовна конфедерација CIPS.

Македонската Риболовна Федерација е членка на Агенцијата за млади и спорт, каде што ги извршува и исполнува сите спортски активности во непосредна соработка со Агенцијата.

Федерацијата активно соработува и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со Министерството за внатрешни работи.

Сите активности на Федерацијата се транспарентни и произлегуваат од работата на нејзините органи: Собранието, Надзорната комисија, Управниот Одбор како и комисии како помошни органи на УО и тоа:

¨  организирање на рекреативниот риболов во Р.Македонија;

¨  организирање на спортскиот риболов во Р. Македонија;

¨  организирано јакнење на РЗК, нивна меѓусебна соработка и омасовување на спортскиот ирекреативниот риболов;

¨  насочување и координирање во работата на РЗК;

¨   развивање и унапредување на рекреативниот и спортскиот риболов;

¨   зголемување на рибниот фонд;

¨   заштита на водите и рибите во нив;

¨   заштита и унапредување на животната средина;

¨   дава помош, соработува и врши контрола на терен во организирањето на спортскиот ирекреативниот риболов на своите членки;

¨   порибување на водите во Р.Македонија;

¨   издавање легитимација за рекреативен риболов;

¨   издавање легитимација за спортски риболов;

¨   водење евиденција и статистика од областа на рекреативниот риболов;

¨   водење евиденција и статистика од областа на спортскиот риболов;

¨   соработка, помош и учество во производството на порибителен материјал со регистриранирепроцентри;

¨   соработка со други организации, органи и здруженија;

¨   едукација на младите во тајните на спортскиот и рекреативниот риболов;

¨    спроведување и остварување на политиката за развој на физичката култура и спортот во Р. Македонија;

¨    утврдување и реализирање на систем за натпревари во спортски риболов;

¨    стимулирање за постигнување на врвни спортски резултати;

¨    унапредување на врвното спортување во спортски риболов заради репрезентирање на спортскинатпревари на домашен и меѓународен план;

¨   организирање обука и испити за спортско риболовни судии;

¨   редовно и детално информирање на членките на федерацијата;

¨   издавање брошури и други стручно-информативни матерјали;

¨    изготвување и организирање на разни облици на стручно усовршување на спортски ирекреативните риболовци (семинари, советувања и друго);

¨    подготвување на програм и спроведување на семинар и курсеви за стручно дооспособување нарибочуварите;

¨    извршува и други цели и задачи од областа на спортскиот и рекреативниот риболов.

Денес во Р. Македонија, по реални проценки, со рекреативен и спортски риболов се занимаваат околу 30.000 – 40.000 риболовци. Меѓутоа проблемите во секојдневието во различни фази на нашето живеење се рефлектираат и во риболовот во државата, така да во овој момент (ноември 2014 година) во единствениот список на рекреативни риболовци кој се води во Македонската Риболовна Федерација запишани се  приближно 25.000 членови организирани во преку 50 риболовни здруженија.

И покрај сите овие потешкотии, императив на овој состав на УО на МРФ, а секако и на наредните, ќе претставува излез од оваа криза и понатамошен амбициозен развој на спортскиот и рекреативниот риболов во Република Македонија.

 

 

ЖИРО СМЕТКА

Македонска риболовна федерација

Ж-сметка: 3000000001910-29

Депонент: Комерцијална Банка

КОНТАКТ

Булевар Кочо Рацин бр. 75
1000 Скопје, Македонија
Тел: +389 2 3164 539
Факс: +389 2 3164 509
Е-пошта: contact@mrf1952.mk

РАБОТНО ВРЕМЕ

Работно време на МРФ

понеделник - петок

07:00 - 15:00